Не правам песни за една сезона
Кирилица, февруари 2008

Кристина Арнаудова спаѓа во групата музичари што природно се враќаат на сцената само кога вистински имаат што да кажат. Таа е урбана поп - рок девојка и респектабилен женски вокал, пејачка која не позира по секоја цена и многу поретко ја гледаме на ефтино спакувани и неморални насловни страни. На 14 февруари во дискотеката „Хард Рок“ го обелодени новиот материјал, дванаесет песни со заеднички предзнак „2007“. Во интервјуто за „Кирилица“, Кристина Арнаудова говори за акција и гламур, но и за кич, ега, статуетки, „Евросонг“, Боки 13...

Покрај трагичниот комерцијален ефект во музичко- издавачката дејност, која е логиката да се промовира добар албум со гламурозна промоција?
Се работи за самопочитување, односно за почит кон тоа што си го работел, на она што си му посветил дел од својот живот, си дал дел од својата душа... Се работи и за почит кон публиката, еснафот, колегите и секако новинарите. Сите тие заслужуваат повремено да видат убави работи, малку акција и гламур. Доста ни е од кукање. Можеби не сме Америка, ама не смееме да се однесуваме како да сме безнадежна последна дупка на светот.

Колку те чинеше проектот?
Се' уште не сум ја направила сметката. Веројатно многу повеќе отколку што ќе заработам, ама мене тоа никогаш не ми ни било важно. Никогаш не очекував да правам милиони, само сакам да имам нормален живот, пристоен, и најважното, музиката да ги допре сите оние до кои ќе стигне. Кога ќе видам дека тоа се случува, е тогаш сум најбогатата личност на светот.

Какви ти се обврските кон „Авалон“ како издавачи на цедето?
Нашиот однос повеќе се темели на пријателство отколку на некаков професионален муабет. Ние имаме обврска едни кон други само да направиме убав муабет за музика и за концерти на некои од светските ѕвезди. Драго ми е што на мојот албум стои печатот на „Авалон“, бидејќи е општо познато дека со години работат само со најквалитетните музички имиња. Значи, тие се само издавачи на цедето и тоа е се'.

Твоето првенче „Возови“ имаше неколку одлични песни кои не беа наменети за широките народни маси. Колку ефтината трка по поголема слушаност влијаеше на уредувачката политика на новиот проект?
Не паднав во искушение да работам само за пазарот, заборавајќи на музиката, во вистинска смисла на зборот. Морам да признаам дека неколку песни се правени по терк на хитови, мелодични песни, но сепак станува збор за многу личен материјал, музика која во ниту еден момент не калкулира со комерцијалноста. Никогаш не сум работела песни за една сезона, па тоа нема да се случи ниту сега.

Се' почесто компонираш. Тоа е испровоцирана инспирација за да се заштеди некој денар или реална потреба од публикување на сопствениот креативен потенцијал?
Ова ти е добро! За некој денар, а? Компонирав и на претходниот албум, а овојпат се работи за две коавторски композиции со Весна Малинова. Да не звучам нескромно, ќе кажам само дека сите мои соработници мислат дека во иднина треба да ја превземам улогата на мнозински композитор и не ми е јасно зошто тоа не го правам почесто. Се работи за инспирација, а башка, доволно долго сум во музиката за да знам што точно сакам од себеси. Морам да признаам дека кога компонирам, тоа го правам многу лично и субјективно. Се водам по искуства, а не по идеја и тоа е многу добро во поп музиката. Се надевам дека во иднина почесто ќе работам на свои песни.

Сега по вториот албум, има ли простор за целовечерен концерт?
Сакам реални концерти, а не делење на гратиси за да се наполни сала, што за жал кај нас е најчестата реалност. Ветувам добра свирка, сепак јас сум дете на клубовите, не сум почнала во студио, туку таму кај што е најтешко, кај што се пече занаетот, на сцена.

Повеќето од агресивните интернет-пишувачи ти посакаа топло добредојде во блогосферата. На твојата страница засега најкоментиран е текстот во кој ги потенцираш простите правила за меѓучовечки односи кога е во прашање прилично загадениот естраден простор. Како да се остане квалитетен и достоинствен меѓу напумпани ега и суети?
Или се раѓаш со достоинство и едноставно не сакаш никој да ти ја деградра работата, односно музиката која за мене е кралица и светост, или, пак, немаш ништо од тоа, па просто сакаш да си популарен, да си главен во град, да те оговараат сите и да ти бараат интервјуа, а тие таквите не располагаат со никаква гордост и достоинство. Подготвени се на се. Во такво опкружување не сте ме виделе никогаш и нема да ме видите. Ако ме видите, ве молам, убијте ме на место!

Кое е твоето искрено гледиште за националниот Евросонг кој постојано предизвикува сериозна медиумска полемика?
Искрено, одбегнувам да го коментирам. Сето тоа е толку аматерски и несериозно сработено, ама баш секоја година, што не сум сигурна дека заслужува сериозна опсервација. А, може да биде добро, во тоа сум сигурна и жал ми е што е тоа така.

Би гостувала ли во емисијата на Боки 13?
Не.

Повторно е време за собиранки и за статуетки. Како ја доживуваш бубамарата на Ранко?
Во Македонија сосема исчезнаа сите бар малку релевантни годишни доделувања на награди. Сум била номинирана во многу наврати и сум зела статуетки, а сега за жал, таа забава за музичарите и за јавноста повеќе ја нема. Во моментов нема манифестација која дели награди по заслуга. Просто, награди се делат од око.

Џингерлака, соблекување, мамини и татини “славејчиња“... Кој е кој или кој со кој? Има ли се уште надеж да преживеат вистинските вредности?
Одговорно тврдам дека има и дека домашната естрада со мала финансиска помош од големите компании, може да биде врвот на квалитет на Балканот.

разговарал: Ѓорге Стојанов

Прес галерија

ПресСексапилот е софистицираност, а вулгарноста е простотилак. Никогаш не би можела да бидам вулгарна, дури ни кога би се соблекла сосема за фотосесија или видео, како што одредени личности никогаш не би можеле да бидат секси. Тоа не се учи, тоа е просто, дел е од личноста. А на останатите не им се мешам, сметам дека е најдобро секој да си ја гледа својата работа.
галерија

Spacer-ot     Содржини
Кирилица, февруари 2008
Не правам песни за една сезона

Кристина Арнаудова спаѓа во групата музичари што природно се враќаат на сцената само кога вистински имаат што да кажат. На 14 февруари во дискотеката „Хард Рок“ го обелодени новиот материјал, дванаесет песни со заеднички предзнак „2007“.
повеќе

Македонско Сонце, 2003
Песни сплотени во нејзината душа

Иако уште од својата 16 годишна возраст почнува да заработува од музиката како дел од групата „Биг Бенг“, сепак таа се одлучува да започне со своја солистичка кариера. Следеа неколку хитови кои со својата оригиналност дадоа белег на македонската музичка сцена.
повеќе

декември 2007
Година што никој од нас нема да ја заборави

Ова е година што никој од нас нема да ја заборави. Многу немили настани се случија додека го правев албумот и не ми беше ниту до пеење ниту до музика, открива пејачката.
повеќе

Магазин +, јануари 2008
Сакам големо весело семејство

„Сакам да ставам насмевки на лицата на луѓето, сакам така да ја почнам годината и така да продолжи“, е желбата за 2008 година на поп пејачката Кристина Арнаудова, која и приватно и професионално позади себе остави убава година.
повеќе

Кристина
www.myspace.com/kristinaarnaudovamk