Не правам песни за една сезона
Кирилица, февруари 2008 (Macedonian only)
Кристина Арнаудова спаѓа во групата музичари што природно се враќаат на сцената
само кога вистински имаат што да кажат. Таа е урбана поп - рок девојка
и респектабилен женски вокал, пејачка која не позира по секоја цена и
многу поретко ја гледаме на ефтино спакувани и неморални насловни
страни. На 14 февруари во дискотеката „Хард Рок“ го обелодени новиот
материјал, дванаесет песни со заеднички предзнак „2007“. Во интервјуто
за „Кирилица“, Кристина Арнаудова говори за акција и гламур, но и за
кич, ега, статуетки, „Евросонг“, Боки 13...
Покрај трагичниот комерцијален ефект во музичко- издавачката дејност, која е логиката да се промовира добар албум со гламурозна промоција?
Се работи за самопочитување, односно за почит кон тоа што си го работел, на она што си му посветил дел од својот живот, си дал дел од својата душа... Се работи и за почит кон публиката, еснафот, колегите и секако новинарите. Сите тие заслужуваат повремено да видат убави работи, малку акција и гламур. Доста ни е од кукање. Можеби не сме Америка, ама не смееме да се однесуваме како да сме безнадежна последна дупка на светот.
Колку те чинеше проектот?
Се' уште не сум ја направила сметката. Веројатно многу повеќе отколку што ќе заработам, ама мене тоа никогаш не ми ни било важно. Никогаш не очекував да правам милиони, само сакам да имам нормален живот, пристоен, и најважното, музиката да ги допре сите оние до кои ќе стигне. Кога ќе видам дека тоа се случува, е тогаш сум најбогатата личност на светот.
Какви ти се обврските кон „Авалон“ како издавачи на цедето?
Нашиот однос повеќе се темели на пријателство отколку на некаков професионален муабет. Ние имаме обврска едни кон други само да направиме убав муабет за музика и за концерти на некои од светските ѕвезди. Драго ми е што на мојот албум стои печатот на „Авалон“, бидејќи е општо познато дека со години работат само со најквалитетните музички имиња. Значи, тие се само издавачи на цедето и тоа е се'.
Твоето првенче „Возови“ имаше неколку одлични песни кои не беа наменети за широките народни маси. Колку ефтината трка по поголема слушаност влијаеше на уредувачката политика на новиот проект?
Не паднав во искушение да работам само за пазарот, заборавајќи на музиката, во вистинска смисла на зборот. Морам да признаам дека неколку песни се правени по терк на хитови, мелодични песни, но сепак станува збор за многу личен материјал, музика која во ниту еден момент не калкулира со комерцијалноста. Никогаш не сум работела песни за една сезона, па тоа нема да се случи ниту сега.
Се' почесто компонираш. Тоа е испровоцирана инспирација за да се заштеди некој денар или реална потреба од публикување на сопствениот креативен потенцијал?
Ова ти е добро! За некој денар, а? Компонирав и на претходниот албум, а овојпат се работи за две коавторски композиции со Весна Малинова. Да не звучам нескромно, ќе кажам само дека сите мои соработници мислат дека во иднина треба да ја превземам улогата на мнозински композитор и не ми е јасно зошто тоа не го правам почесто. Се работи за инспирација, а башка, доволно долго сум во музиката за да знам што точно сакам од себеси. Морам да признаам дека кога компонирам, тоа го правам многу лично и субјективно. Се водам по искуства, а не по идеја и тоа е многу добро во поп музиката. Се надевам дека во иднина почесто ќе работам на свои песни.
Сега по вториот албум, има ли простор за целовечерен концерт?
Сакам реални концерти, а не делење на гратиси за да се наполни сала, што за жал кај нас е најчестата реалност. Ветувам добра свирка, сепак јас сум дете на клубовите, не сум почнала во студио, туку таму кај што е најтешко, кај што се пече занаетот, на сцена.
Повеќето од агресивните интернет-пишувачи ти посакаа топло добредојде во блогосферата. На твојата страница засега најкоментиран е текстот во кој ги потенцираш простите правила за меѓучовечки односи кога е во прашање прилично загадениот естраден простор. Како да се остане квалитетен и достоинствен меѓу напумпани ега и суети?
Или се раѓаш со достоинство и едноставно не сакаш никој да ти ја деградра работата, односно музиката која за мене е кралица и светост, или, пак, немаш ништо од тоа, па просто сакаш да си популарен, да си главен во град, да те оговараат сите и да ти бараат интервјуа, а тие таквите не располагаат со никаква гордост и достоинство. Подготвени се на се. Во такво опкружување не сте ме виделе никогаш и нема да ме видите. Ако ме видите, ве молам, убијте ме на место!
Кое е твоето искрено гледиште за националниот Евросонг кој постојано предизвикува сериозна медиумска полемика?
Искрено, одбегнувам да го коментирам. Сето тоа е толку аматерски и несериозно сработено, ама баш секоја година, што не сум сигурна дека заслужува сериозна опсервација. А, може да биде добро, во тоа сум сигурна и жал ми е што е тоа така.
Би гостувала ли во емисијата на Боки 13?
Не.
Повторно е време за собиранки и за статуетки. Како ја доживуваш бубамарата на Ранко?
Во Македонија сосема исчезнаа сите бар малку релевантни годишни доделувања на награди. Сум била номинирана во многу наврати и сум зела статуетки, а сега за жал, таа забава за музичарите и за јавноста повеќе ја нема. Во моментов нема манифестација која дели награди по заслуга. Просто, награди се делат од око.
Џингерлака, соблекување, мамини и татини “славејчиња“... Кој е кој или кој со кој? Има ли се уште надеж да преживеат вистинските вредности?
Одговорно тврдам дека има и дека домашната естрада со мала финансиска помош од големите компании, може да биде врвот на квалитет на Балканот.
разговарал: Ѓорге Стојанов
Песни сплотени во нејзината душа
Македонско Сонце, 2003 (Macedonian only)
Промоцијата на првото ЦД „Возови“ на Кристина Арнаудова деновиве беше одржана во познатото кафуле „Мистер Џек“. ЦД- то содржи 14 песни, а тие се потпишани од повеќе автори меѓу кои се јавува и самата Кристина.
Иако уште од својата 16 годишна возраст почнува да заработува од музиката како дел од групата „Биг Бенг“, сепак таа се одлучува да започне со своја солистичка кариера. Следеа неколку хитови кои со својата оригиналност дадоа белег на македонската музичка сцена, но сепак песната „Прашина“ и' послужи како отскочна штица во светот на естрадата. По големиот успех на „Прашина“ се појави идејата за албум, меѓутоа нејзините обожаватели малку почекаа. Благодарејќи на нејзината амбициозност и упорност се појави нејзиното прво ЦД на задоволство на љубителите на добрата песна.
СИМБОЛИЧЕН ПРЕДМЕТ
Албумот е насловен „Возови“ според мојата омилена песна од албумот за која сметам дека е многу оригинално дело какво со години се нема појавено на македонскиот музички пазар, вели Кристина. Албумот содржи 14 песни од кои 7 се сосема нови, 4 се веќе слушнати и три се бонус нумери, а е во издание на „ПЛАНЕТ ПРЕС“. Застапени се доста автори, а меѓу нив најмногу ја има Весна Малинова. Свој удел имаат и Роберт Саздов, Младен Марковиќ, и јас имам своја композиција, потоа Роберт Билбилов, Валентино Скендеровски, Ивица Брчиоски, Кокан Димушевски, Димитар Коцев итн.
Возовите се симболичен предмет, поминуваат, носат и заминуваат. Разни приказни се собрани во тие возови, сите ние имаме свои возови кои може да ги најдеме или не. Единствено е неизвесно дали ќе ги препознаеме нашите возови кои би можеле да бидат судбински.
Според Кристина има неколку причини зошто толку доцнеше албумот. Долго време ги одбирала песните кои ќе се најдат на него, продуцентите, композиторите, се работи сама, а тоа не е воопшто едноставно.
Морам да бидам добар организатор, сама на себе да си бидам добар менаџер, да бидам одличен пејач, а за сето тоа време морам да бидам во добра форма, додава Кристина. За тоа треба многу време и многу енергија и сигурна сум дека секој не може сето тоа да го носи на свој грб. А да не ги заборавиме и финансиските потешкотии кои се јавуваа цело време додека работев.
Од први октомври ЦД- то ќе се најде и во официјална продажба во сите музички продавници во Македонија, а пред тоа се најде и во едно списание.
Се одлучив на тој чекор, бидејќи идејата како таква ми се допаѓаше, 10 000 примероци се продадоа за неполни два дена, 10 000 луѓе имаат оригинален диск и веќе ги знаат сите песни од албумот што за секој македонски изведувач би било комплимент со оглед на тоа што во регуларна продажба не се продаваат ни 1000 примероци годишно, објаснува Кристина. На тој материјал работев напорно и не би сакала сама дома да си го слушам.
Во моментов се уште немам таков план, да го промовирам „Возови“ надвор од Македонија, но може да се разгледа и таа опција. Не сум премногу заинтересирана, но очигледно е дека тоа треба да го направам бидејќи сите тоа го очекуваат од мене.
КАРИЕРА
Кристина своите почетоци ги имаше во две групи „Сага“ со која има снимено само една песна и „Биг Бенг“, меѓутоа се одлучи да продолжи сама.
Скоро сите групи на светов се осудени на пропаст со самото тоа што во нив членуваат повеќе луѓе кои имаат свои индивидуални гледања на работите и свои музички идеи и желби, вели таа. Убаво е да си дел од група заради атмосферата и енергијата која постои кога се настапува, кога има живи свирки, но многу е полесно да можеш сам да одлучуваш за тоа што ќе снимаш и што сакаш да пееш, каква музика ќе работиш. Кога си сам не мора да правиш компромиси во својата кариера.
Зад себе има неколку хитови „Прашина“, „Ѕвонете чекори херојски“, „Судено тие е“, „Знаеш кој е тој“, но како што вели Кристина за ниедна песна неможеш однапред да знаеш како ќе помине односно колку ќе биде слушана и дали ќе стане хит. За неа терминот “хитче“ е измислен од луѓето кои им ги продаваат своте песни на млади пејачи кои обично немаат поим од музика, па паѓаат на такви финти.
За ниедна моја песна не знам како ќе помине, а факт е дека сите стануваат хитови кога ќе се слушаат долго време, објаснува Кристина. Не се преоптоварувам колку таа песна ќе стане хит додека ја снимам и додека песната се создава. Едноставно и' ја давам сета моја душа и со самото тоа и' давам живот. „Прашина“ ја доби наградата за најслушана песна помеѓу два фестивала што е во принцип најголема награда за една песна.
Кога станува збор за гласините околу тоа дека фестивалите се наместени, тоа навистина не ме интересира и не би навлегувала во тие работи. Лично не сум заинтересирана за фестивалите и нивните награди. А, не сте далеку од вистината, се има свое скриено лице и тоа што го гледате на телевизија во најголем број на случаи нема врска со реалноста.
Поради ваквиот нејзин став за фестивалите Кристина не би можела да издвои некој од нив кој е најдобар, а за да настапи на некој фестивал треба тој да ги задоволи нејзините критериуми.
За тоа дали има многу пејачи во забавната естрада сметам дека треба да се појавуваат, меѓутоа медиумите се тие кои треба да прават селекција на тоа што е добро и на тоа што не чини, додава Кристина. За жал медиумите тоа не го прават, а во нив работат луѓе кои немаат основни познавања за музиката и ги пуштаат во етер сите оние со кои можат да одат на кафе, да се дружат и кои им се достапни во секој момент. Тоа се ефтини изведувачи и пејачи на кои најголемо достигнување им е да се појавуваат во емисии и на школо да бидат популарни, а тоа новинарите и водителите воопшто не ги интересира. Топ листите се многу смешни и на нив можат да се најдат на пример Мизар, Влатко Стефановски и некој си тотален анонимус Панде. Во исто време на иста топ листа, Панде ќе биде прв, а Влатко петти. Што повеќе треба да се дискутира!?
Според Кристина во Македонија не можат да се прават долгорочни планови во музиката и секогаш мора да се има некаква алтернативна професија која ќе ја работи одредена личност во иднина.
Едноставно мораш да имаш резервна диплома, а јас тоа и ќе го направам и се надевам дека еден ден ќе бидам успешен маркетинг менаџер, вели Кристина.
Музиката сега за сега е мојата единствена егзистенција, но во Македонија на една рака може да се избројат луѓето кои сериозно заработуваат од тоа. Јас сум во моментов задоволна, но тоа не е ни одблиску што би требало да биде. Се надевам дека ќе биде подобро.
Кристина штотуку ги реализира нејзините последни планови така да е се уште рано да зборува за нешто друго. Во план и' е и концертно претставување на албумот низ Македонија ако се појават услови за тоа. А, деновиве единствена преокупација и' е снимањето на неколку видео спота кое ќе трае до крајот на годинава.
разговарала: Милева Лазова
Година што никој од нас нема да ја заборави
декември 2007 (Macedonian only)
Ова е година што никој од нас нема да ја заборави. Многу немили настани се случија додека го правев албумот и не ми беше ниту до пеење ниту до музика, открива пејачката.
Кристина Арнаудова сигурно чекори по музичкиот пат зашто е свесна за цврстината на темелите што ги постави во 1996 година. Колекцијата на свои дела - макси-синглот со осум песни издаден во 2001 и албумот „Возови“ промовиран две години подоцна - наскоро ќе ја заокружи со ново цеде. Неговото создавање го опишува како „исклучително долго“ и на моменти не верувала дека воопшто ќе го заврши. Причина за тоа се немилите настани поврзани со болеста на Тео, синот на Дарко Тасев, нејзиниот постојан соработник, и смртта на Тоше Проески. Сепак, во таа атмосфера на измешани чувства на тага и болка, Кристина успеала да најде сила и да го заврши почнатиот проект со симболичен наслов, „2007“, односно годината што никогаш нема да ја заборави.
Со „Возови“ потврди дека си ригорозна при поставувањето на принципите на твојата музика. Како пристапи кон новиот албум?
На ист начин. Ригорозноста значи поставување висок критериум, но и истоштување на себеси барајќи перфекција, која, да се разбереме, не постои. Беше долг процесот на создавањето на албумот и на моменти мислев дека никогаш нема да завршам. Процесот е готов, а продуктот сакам што побрзо да го споделам со сите вас, за да го чујам мислењето и критиките. Имаше многу пречки во реализацијата, немили нешта се случија во меѓувреме, болеста на малиот Тео, синот на Дарко Тасев, човекот со кој работиме заедно со години. Па, имаше еден застој. На никого од нас не му беше до музика кога ја слушнавме таа злокобна вест. Црната судбина како да не сакаше да запре тука. Ни го зема Ангелот, нашиот другар и колега, човекот кој често ни беше мотивација и пример. Снимањето и миксањето застана, цел месец не стапнав во студио. Не ми беше до пеење, ниту до музика.
Каде најде енергија да го завршиш проектот?
Имаше и убави моменти. Атмосферата во студиото беше позитивна до бескрај, со енергија за 10 албуми! Таков беше процесот, со измешани чувства и енергии. Затоа албумот ќе се вика „2007“. Ова е годината што никој од нас нема да ја заборави.
Преслушувајќи ги песните од цедето ја чувствувам малата доза флексибилност што би ја протолкувале како твое ориентирање и кон комерцијалната музика. На што се должи тоа?
Не би рекла дека бев флексибилна, само сакав да има мелодични линии во песните. Има џез, рок, каде што „пиштат“ гитари, но има и тажни и чувствителни балади, како таа што ја отпеав на „Макфест“. Сакав да имам попозитивен пристап во песните, да асоцираат на убаво, на весело. Сепак, изведов и тажни песни кои ќе натераат и камен да се расплаче. Главен мотив ми беше да биде тоа еден мелодичен поп-рок звук, карактеристичен за мене, но овој пат повеќе ориентиран кон радиски или брз и динамичен звук. По толку време работа, загубив секаков критериум за тоа како ќе звучи крајниот продукт. Знам само дека албумот звучи многу компактно, што е реткост во Македонија.
Која од новите песни е сублимат на твојата комплетна енергија?
Тешко прашање. Во секоја песна одделно ја има мојата енергија во различни периоди од двете години работа. „Голи во срцата „ ја содржи енергијата од периодот околу стапувањето во брак и се чувствува дека сум бескрајно вљубена и среќна. „Прв и последен“ ја опишува мојата психолошка состојба во последниве два месеца, кога не бев премногу среќна поради сите околности. „Тој е Бог“ ја има енергијата што ја поседувам, како моќ и креативност, но и како безусловна љубов кон музиката. Ме има секаде, а најмногу во „Мало више љубави“, темата „Прв и последен“, отпеана на српски, со аранжман на Кокан. Таа песна има истовремено тажна и среќна енергија. Маѓепсана сум од неа.
На дискот се присутни и грчкиот композитор Василис Пиперис и американскиот Чејз Ланч. Како дојде до оваа соработка?
Василис пред две години слушнал мои песни. Му се допаднала мојата техника и боја на гласот и посака да сработи нешто за мене. Ја направи одличната балада „Не ме оставај“ со текст на Весна Малинова. Со Чејз Ланч приказната е слична, но тој ме најде на интернет. Направи песна во која мојата боја одлично легна. Во последен момент, неговата тема Haunting My Heart, отпеана само на англиски, се најде на албумот. И со двајцата лично не се познавам, а тоа е уште поинтересно во сето ова.
Макфестовската „Прв и последен“ на албумот ја отпеа на српски и во нов аранжман од Кокан Димушевски. Се препознава ли во неа твојата желба за освојување и на музичкиот пазар во Србија?
Не, никако! Таа песна Весна ја создаде на српски. Таа е оригиналната форма и јас ја почитувам и сакам така луѓето да ја чујат. За соседните пазари: не сум човек што се додворува и не знам колку сум подготвена да одам таму. Речиси се' е сведено на турбофолк. Не само на песните, туку и на нивното однесување - турбофолк-нација.
Кога пејач гради кариера без продукциска куќа или без менаџер, може да повлекува потези без туѓо влијание. Колку борбата како соло-играч ти е предност во музичкиот свет?
Некогаш е, некогаш не е. Убаво е што можам да бидам сам свој газда, да снимам и да пеам кога сакам и што сакам. Но, да не се лажеме, да имав некој што ќе го работеше менаџерскиот дел од работата наместо мене, веројатно, наместо два, досега ќе имав четири албуми. Кај нас е тоа многу комплицирано, спонзорите не инвестираат веќе во музиката, а сите во последниве години зборуваме како е падната македонската музичка сцена. И најдобрите и најпродуктивните се откажаа. Државата никако да се сети што значи културата за една земја. Тешко ми е да го кажам ова, но се плашам дека и ние стануваме турбофолк-нација.
Значи ли тоа дека не можеш да живееш добро од музиката?
Не, барем во земјава. Тоа е жално, особено што од музиката кај нас тешко живеат и најдобрите композитори, продуценти и текстописци. Се' додека српските „кафански певаљки“ и слични на нив доаѓаат овде, а нашиве им даваат огромни суми за нивниот т.н. настап и се фалат како Мадона да ни дошла на гости, ќе биде така. Не сакам да звучам патетично и затоа нема да зборувам повеќе за тоа.
Не сакам да се промовирам преку хуманитарната работа.
Ќе бидеш дел од хуманитарниот концерт за Тео Тасев. Со оглед на тоа што Дарко, неговиот татко, е твој голем соработник, како ја доживеа ситуацијата во која се наоѓа ова семејство?
Толку е трагично што е се' уште за неверување. Милион прашања ми се свртеа низ глава - од тие на кои никој никогаш нема да ти одговори. Зошто Боже? Каква е таа судбина и кој ја напишал, едно мало невино прекрасно детенце да се разболи и да пати. Но, не можам и не сакам да сфатам, зошто Тео? Знам дека Тео е силно мало ангелче и ќе издржи, ќе се врати, а потоа, за некоја година, ќе се качи со мене, со татко му, на сцена и ќе свири оти тоа најмногу сака да го прави.
Дали во твојата кариера си имала хуманитарни настапи?
Најголем дел од настапите ми се хуманитарни. Само неделава имам два такви настапа, од кој едниот е во Велес. Една од нашите морални должности како познати личности, е да ја искористиме популарноста и да им помогнеме на тие што во некогаш не можат да си помогнат сами. Им помагам на многу луѓе, мали дечиња, но не сакам да се промовирам преку хуманитарната работа и тоа задолжително да се развлекува по весници. Често ги посетувам дечињата во Домот „11 Октомври“.
разговарала: Соња Алексоска Неделковска
Сакам големо весело семејство
Магазин +, јануари 2008 (Macedonian only)
„Сакам да ставам насмевки на лицата на луѓето, сакам така да ја почнам годината и така да продолжи“, е желбата за 2008 година на поп пејачката Кристина Арнаудова, која и приватно и професионално позади себе остави убава година- го кажа судбоносното да, сними нов албум, спортска химна... Во новата година ја очекува промоција на носачот на звук која најверојатно ќе се случи во март...
Колку енергија вложи во создавањето на новиот албум и кој се учествуваше во неговото создавање? Каков албум може да очекува јавноста од тебе?
Во албумот дадов многу енергија и љубов, а богами и многу трпение. Луѓето кои ми се блиски, а веќе го слушнаа материјалот, велат дека од песните излегува мојот карактер, личноста. Секако дека отвора ново поглавје, секој нов проект мора да отвара нови видици, во друг случај нема смисол! Во овој албум , се осеќа моето созревање како личност, како жена и како музичар, а тоа е големо поглавје во животот на секој човек. Ќе разберете што сакам да ви кажам, кога ќе ги слушнете текстовите кои ги пеам. Се работеше со една одлична екипа, прекрасни луѓе и големи музичари, Весна Малинова, Дарко Тасев, Кокан Димушевски, Владимир Дојчиновски- Дојчин, Златко Симионски- Зеко, јас како автор, Давор Јордановски, Василис Пиперис (Грција) и Chaze Lounge (Америка). Целиот албум се снимаше летово во студиото До ре ми, и таму владееше неверојатна позитивна енергија! Не знам на што навикнала јавноста кога сум јас во прашање, но секако може да очекува многу квалитетна музика, која не се слуша само една сезона, туку се слуша со години…
Во штотуку испратената година ни се случи загубата на Тоше. Македонија се соочи со состојба на масовна тага, депресија. Колку лично те промени трагедијата и воопшто те замисли во смисла на пронаоѓање на смислата на животот, темпото со кое живееме, комуникацијата со другите...
Ништо не е повеќе исто и не сакам да звучи како клише, но тој црн ден, таа трагедија многу силно влијаеше врз мене, а и врз цела Македонија… Ме натера да мислам на многу работи…Тоше стави насмевки на многу лица, направи многу луѓе среќни во неговиот краток живот, а според мене, голем човек си онолку колку што имаш луѓе направено посреќни. Значи тој беше голем, најголем. Тој го оправда своето постоење, повеќе од сите што живееле! Постоењето на нас луѓето, кои на земјава се задржуваме многу малку, нема никакво значење, ако за тоа време не се потрудиш да помогнеш некому, да му го разубавиш денот, животот… Некогаш се работи само за добар збор и насмевка. Јас моето постоење го разбирам така, и се трудам пред Бога да го оправдам тоа што ми го дал, како судбина, со тоа што ќе помагам секогаш кога ќе можам и не можам, да ставам што повеќе насмевки на лицата на луѓето околу мене. Се чувствувам жива кога го правам тоа, чувствувам како само тогаш да има смисол моето постоење. Така јас ги разбирам работите. Не треба никогаш да заборавиме, дека, пред се, сме луѓе!
Се променија ли работите откако стави бурма на рака? Што е исто, а што различно? Размислувате ли за проширување на семејството?
Вистинската љубов, ако е реално таква, останува сосема иста, без разлика дали е во брак или надвор од него. Не прави разлика потписот. Само лажните љубови умираат со бракот. Јас сум среќна исполнета сакана личност, која најважно од се, многу сака! Љубовта е давање и примање... Себичноста нема место таму. Сакам големо весело семејство, не се уште е рано да зборувам за тоа, бидејќи како секоја астролошка Девица, сакам да ги планирам работите! Најважно од се е што сме среќни!
Често кокетираш со изгледот- на последната фотосесија те гледаме во едно заводливо, секси издание. Сепак никогаш не ја поминуваш онаа линија на пристојност. Сметаш ли дека тоа е предност или недостаток?
Јас не сум си поставила никаква граница, таа се поставува сама од себе… Немам проблем со моето тело ниту со голотијата, но тоа мора да е високо естетизирано, сработено мајсторски (во случајов, фотосесијата ја работев со Елена Бојаџиева). Така ме гледаат и фотографите со кои имам работено, и режисерите на видео спотовите. Сексапилот е софистицираност, а вулгарноста е простотилак. Никогаш не би можела да бидам вулгарна, дури ни кога би се соблекла сосема за фотосесија или видео, како што одредени личности никогаш не би можеле да бидат секси. Тоа не се учи, тоа е просто, дел е од личноста. А на останатите не им се мешам, сметам дека е најдобро секој да си ја гледа својата работа.
разговарала: Катерина Шекеровска


